Асоцијација и консалтинг на едукатори и заедници за учење ЕДУЛЕНД, како партнери на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, нуди можност за личен професионален развој преку следење на интерактивни обуки. Обуките се спроведуваат со примена на пакет алатки, презентации, пленарни дискусии, вежби, работа во парови или во групи, споделување на сопствени искуства и практики.
Обуките се реализираат со физичко присуство и онлајн на барање на заинтересирани учесници. Освен овие обуки можеме да креираме обуки кои се од интерес и значење на вработените во државни и приватни градинки.
За сите обуки, Асоцијацијата и консалтинг на едукатори и заедници за учење ЕДУЛЕНД обезбедува сертификат со валиден број часови, кој ќе им послужи на учесниците да ја стекнат или продолжат лиценцата за работа во предучилишните установи или други алтернативни форми, согласно регистарот на лиценцирани лица според Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Обуката е организирана од страна на ЕДУЛЕНД – Асоцијација и консалтинг на едукатори и заедници за учење, партнери на УНИЦЕФ, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, во проширувањето на придобивките од спроведувањето на „Програмата за унапредување на социоемоционалното учење кај децата и професионален развој на вработените во предучилушните установи“.
Реализацијата на обуката за негувателки има цел да ги зајакне и подобри капацитетите на негувателките во практикување на техники и стратегии за социоемоционално учење во секојдневната работа со деца, која е дел од рамката „Социјална кохезија и културен дијалог“.
Во текот на дводневните активности, присутните негувателки ќе се запознаат со важноста на социоемоционалното учење на децата во раниот развој, ќе имаат можност да ја разберат основата на невронауката и ефектите од стресот кај децата на рана возраст и примена на техники, алатки и стратегии за социоемоционално учење кај децата. На тој начин ќе ги зајакнат своите професионални компетенции за работа со децата и за воспоставување колегијална поддршка на негувателките во рамките на професионалните заедници за учење во установата.
Реализацијата на обуката за негувателки, готварски кадар и воспитувачи и стручни работници/соработници има цел да ги зајакне и развие капацитетите на вработените во детските градинки во практикување на техники и стратегии, за стекнување на здрави навики во исхраната во секојдневната работа со деца.
Во текот на еднодневните активности, присутните учесници ќе се запознаат со важноста на правилно усвојување на здрави навики во исхраната на деца од предучилишна возраст, како основа за понатамошен здрав начин на живот на секоја возрасна индивидуа. Обуката нуди разновидни ресурси, како дополнителни материјали за информирање родители, како и прирачници за вработените во градинките каде се нудат теоретски знаења за темата и практични активности со децата во градинка. Времетраењето на обука го одредува секој вработен во зависност од профилот на учесникот. Обуката има можност да се одржи и онлајн.
Се поголемиот број на научни докази истакнуваат дека емоционалниот развој на почетокот од животот на детето е од клучно значење за развој на целокупната мозочна архитектура и има огромно влијание во текот на целиот живот. Истражувањата покажуваат дека децата од предучилишна возраст кои имаат силна емоционална основа поседуваат капацитет подобро да управуваат со секојдневните социјални интеракции. Затоа е потребно во Програмата за рано учење и развој да се обезбеди баланс на развојот на когнитивните вештини и писменоста со значително внимание на емоционалниот и социјалниот развој. На децата им се потребни социо-емоционалните способности подеднакво колку и когнитивните, бидејќи тие им овозможуваат на децата да бидат фокусирани на активностите, да се мотивирани, да соработуваат со воспитувачот и негувателката и да се сложуваат и играат со другарчињата во групата.
ЕДУЛЕНД е основано по иницијатива на воспитувачи за обезбедување нa колегијална поддршка во насока на остварување на целите за формирање професионални заедници за учење во градинките низ Република Северна Македонија.