Магистер по педагошки науки
Сања Алексоска, посветено го гради својот професионален развој во предучилишната практика преку доживотно учење, вложувајќи се во унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Нејзината работа се одликува со заложба за институционално зајакнување и развивање на капацитетите на вработените во предучилишните установи низ целата држава.
Учествува во бројни експертски групи за изработка на документи од законска регулатива во областа на детската заштита, како и за евалуација и мерење на квалитетот на предучилишното образование во приватни и државни градинки, центри за ран детски развој и мигрантски кампови.
Таа е координатор на проекти, професионални заедници за учење во сите региони на државата, исто така е член на комисии за верификација на едукативни активности на онлајн платформи. Со своето искуство и стручност, успешно ги препознава потребите и состојбите на децата, заложувајќи се за остварување на нивните права.
Нејзината работа опфаќа организирање и реализација на обуки во предучилишни установи, едукација на воспитувачи за колегијална поддршка и мотивирање на позитивни промени во секојдневната практика. Автор е на воспитно-образовни и едукативни изведбени материјали за деца, како и на упатства за користење прирачна литература за деца од предучилишна возраст и прирачници за вработените во градинките.
Се заложува за конструктивистички пристап во воспитно-образовната работа, учење засновано на решавање проблеми и учење преку игра. Како ментор, работи со воспитувачи, стручен кадар, негуватели и дадилки, кои згрижуваат деца во домашни услови, обезбедувајќи им насоки за унапредување на нивната работа со деца од предучилишна возраст.